Поврзи се со нас

Кошарка

Карачиќ ќе се обиде да го надополни отсуството на повредените Крстевски и Маслинко

Скопје, 10 ноември 2020 (МИА) – Поранешниот младински репрезентативец на Хрватска, Иван Карачиќ од денес е составен дел од екипата на МЗТ Скопје Аеродром. Тој за „сино-белите“ ќе дебитира на првиот сезонски турнир од АБА2-лигата на Златибор.

Во МЗТ Скопје очекуваат Карачиќ да помогне во играта под кошевите како (при)времена замена за повредените Бојан Крстевски и Андреј Маслинко.

– Станува збор за крилен центар, кој доаѓа на едномесечен тест-период, со можност соработката да продолжи до крајот на сезоната. Карачиќ сезоната ја почна во полскиот тим Даброва, каде што одигра осум натпревари, пред да реши да си замине на сопствено барање и да се пресели во нашиот тим. Тој е добро познат на нашата кошаркарска јавност со оглед што претходно седум сезони настапуваше за босанскиот прволигаш Широки, против кого игравме во изминатиот период во АБА2-лигата, соопшти МЗТ Скопје.

Карачиќ, кој е роден во Мостар и има босанско и хрватско државјанство, нема да настапи на нашиот денешен прв меч на Златибор со Подгорица (17 часот), поради процедурата во јадранското натпреварување за регистрација на нови играчи. Но, се очекува тој сигурно да биде во составот на Ѓорѓи Кочов на вториот дуел, задутре против Сутјеска.

Крстевски и Маслинко не отпатуваа на првиот турнир од АБА2 поради повреда на прстот на шутерската рака, односно посериозен проблем со лигаментите на скочниот зглоб. зс/

loading...

Facebook