Connect with us

Тајмаут

Ќерката на Пеле: Сè уште сме тука, се бориме и веруваме

Ќерката на Пеле, Кели Кристина Насименто објави фотографија од болничкиот кревет на легендарниот фудбалер. Во четвртокот, болницата Алберт Ајнштајн потврди дека состојбата на Пеле се влошува и дека ќе остане под медицински надзор.

Вчера во бразилските медиуми се појави информација дека 82-годишниот Пеле повеќе не може да зборува и во пракса од него се збогуваат неговите роднини, иако тоа не е официјално потврдено.

„Сè уште сме тука, се бориме и веруваме. Уште една ноќ заедно“, напиша Кели Кристина под фотографијата од двајцата на Инстаграм, објавена непосредно пред полноќ.

Пеле беше хоспитализиран на 29 ноември за да продолжи со лекувањето од рак на дебелото црево, но набргу потоа лекарскиот тим објави дека хемотерапијата повеќе не функционира.

Пеле е единствениот трикратен светски шампион во фудбал (1958, 1962 и 1970 година). За репрезентацијата на Бразил, кралот на фудбалот одигра 92 натпревари и постигна 77 голови. Пеле е признат како најдобар фудбалер на 20 век според Меѓународната фудбалска федерација. Бразилецот е запишан во Гинисовата книга на рекорди со 1.279 голови во кариерата.