Кошарка
Кири Ирвинг изрази противење за продолжување на сезоната во НБА, во време на протести низ САД
Група од 80 кошаркари во НБА лигата се состанаа синоќа, преку видео повик, за да разговараат за ставовите за претстојното продолжение на сезоната во НБА лигата во Орландо.
Иницијатор на повикот беше Кири Ирвинг кој не го поддржува продолжението на лигата како поддршка на реформите во граѓанската правда.
„Не го поддржувам патувањето во Орландо. Не сакам да бидам дел од постојаниот расизам и на целата оваа глупост. Нешто едноставно не е во ред“, рече Ирвинг.
Ејвори Бредли додаде дека е време да се игра „шах, а не дама“. Кармело Ентони инсистираше на единство и дека помладите играчи исто така имаат право на глас, додека Двајт Хауард изјави дека кошарката само ќе го одвлече вниманието на нацијата од сегашните проблеми. Донован Мичел предупреди за високиот ризик од повреда.
На конференцијата не присуствуваше Леброн Џејмс кој е еден од најголемите поборници за продолжување на лигата по секоја цена.