Фудбал
Клоп пред мечот со Арсенал: Не можеме да ги игнорираме околностите
Ливерпул, 1 октомври 2020 (МИА) – Ливерпул речиси сигурно вечерва ќе игра со своите резерви против Арсенал, но ќе даде се од себе за да победи. Ова стана јасно од зборовите на менаџерот Јирген Клоп во пресрет на дуелот од 1/8-финалето на турнирот во Лига купот во Англија.
Пред помалку од 72 часа, двата тима повторно се сретнаа на „Енфилд“, но во шампионатот, а домаќините победија со 3:1. Во недела шампионите ќе гостуваат на Астон Вила. Поради оваа причина, германскиот тренер сега ќе ги сочува повеќето свои стартери.
– Ние сакаме да го освоиме овој меч со она што го имаме. Не можеме да ги игнорираме околностите. Многу е веројатно дека ќе направиме некои измени, но генерално ја мразам практиката некои натпревари да ги прифаќам како поважни од другите. Средбата вечерва е важна за нас, без разлика дали верувате во нас или не. Не станува збор за давање поголемо значење на некои турнири на сметка на други, туку за справување со ситуацијата. За секој натпревар имам над 20 играчи кои според мене се доволно добри да излезат на теренот. Ќе дадеме се од себе да го освоиме турнирот. Но, дали може да ви ветам успех? Не! Но, можеме да се обидеме, изјави Клоп.
Пред една година, Ливерпул и Арсенал повторно се сретнаа во оваа фаза од турнирот. Тогаш „топџиите“ победија по изведување на пенали, а откако претходно резултатот беше 5:5.