Connect with us

Фудбал

Клоп размислува да ги напушти „црвените“ бидејќи сака да преземе тим кој речиси сите тренери го избегнуваат

Јирген Клоп има договор со Ливерпул до летото 2024 година и после тоа најверојатно ќе го напушти „Енфилд“.

Германскиот стручњак ја презеде клупата на Ливерпул во октомври 2015 година, а тоа се покажа како полн погодок за предводникот на англискиот клуб.

Клоп го претвори Ливерпул во вистинска машина и успеа да освои речиси се што можеше. Тој има договор со „црвените“ на уште три години, а англиските медиуми пишуваат дека најверојатно тогаш ќе го напушти клубот.

Медиумите во Англија денеска објавија дека Клоп разговарал со челниците на Фудбалската асоцијација на Англија кои сакаат да го доведат на клупата на оваа репрезентација кога Герет Саутгејт ќе си замине од селекторската функција.

Наводно, Клоп покажал голема желба во иднина да биде селектор на Англија, но јасно ставил до знаење дека тоа ќе биде можно само кога ќе му истече договорот со „црвените“ бидејќи не сака да го напушти Ливерпул пред тоа.

Клоп е во одличен однос со англиските играчи, а голем број играчи на Ливерпул играат за Англија. Тоа секако многу би му ја олеснило работата, за што очигледно е свесен.

Веќе извесно време се пишуваше дека на Клоп му е преку глава од клупскиот фудбал и дека е подготвен за нови предизвици, а доаѓањето на клупата на англиската репрезентација на која се чека со децении е еден од најголемите предизвици што може најдете.