Фудбал
Клоп воодушевен што Реал доаѓа кај него, Мадрид испрати една, но моќна порака
Во Нион беа извлечени двојките од осминафиналето во Лигата на шампионите. Секоја чест за ПСЖ и Баерн, но најголемо внимание привлече дуелот меѓу финалистите од минатата сезона – Ливерпул и Реал. Двата трофејни клуба, кои играа и во финалето во 2018 година, ќе се сретнат веќе на првото скалило од нокаут фазата. Реал е поуспешен и во двете неодамнешни финалиња, а двата табора сметаат дека се задоволни од ждрепката, иако противникот е исклучително моќен.
Емилио Бутрагено, фудбалската икона на Реал, а денес прв оперативец на клубот даде кратка, но смислена изјава.
„Ливерпул е шампионски клуб, на нивниот терен навивачите им даваат ветер во грб. Ќе биде многу тешко, но има една работа што сите треба да ја научите – ние сме Реал Мадрид и знаете што значи тоа. Ние сме шампиони и ќе направиме се за да ја одбраниме титулата’‘ – изјави одличниот Емилио.
Од друга страна, Јирген Клоп верува дека дуелот со Реал ќе биде фантастичен и дека сите навивачи ќе уживаат.
„Знам дека игравме со Реал Мадрид во неколку неодамнешни финалиња, но тие два клуба не се среќаваат често во нокаут фазата, па со нетрпение го очекуваме она што следува. Рекордот на Реал е невозможно да се надмине, тоа што го освоија е неверојатен, но го знам и ова: ни трофеите на Ливерпул не се за фрлање. Исто така, го имаме Енфилд и сите знаат што значи тоа“, изјави Клоп, а потоа продолжи:
„Одлична ждрепка, навистина возбудлива ждрепка. До тие натпревари се уште неколку месеци, но не треба многу фантазија за да се види каква ќе биде атмосферата на двата меча. Ни претстојат многу натпревари на кои треба да бидеме фокусирани, но – да, со нетрпение го чекам Реал.“