Кокшаров: Имаме повредени играчи но размислуваме само за победа

По победата против Мешков во ЕХФ лигата на шампионите за актуелниот европски првак Вардар следуваат два врзани натпревари против Кјелце. Полскиот првак викендов гостува во Скопје, а потоа ние одиме во Кјелце.

Првиот дуел се игра во сабота, 9 ноември од 17,30 часот во СЦ „Јане Сандански”.

-текстот продолжува по рекламата-

Вардар е на второто место на табелата со 8 бода, еден повеќе од Кјелце и Монпелје. Остануваат да се одиграат уште четири натпревари оваа година, а покрај двата дуели со Кјелце (во Скопје и во Полска следниот викенд), потоа треба да гостуваме во Белорусија кај Мешков и на 1 декември сме домаќини на Веспрем.

Од осум одиграни натпревари во ЕХФ лигата на шампионите против Кјелце на три се радувал Вардар а пет завршиле со триумф на Кјелце. „Црвено-црните” имаа подобра меѓусебна гол разлика (224-221) и на трите последни дуели одиграни во Скопје сме се радувале на триумф.
Лани исто така игравме во група, на првиот меч загубивме со 31-24, а во Скопје победивме со 28-27. Гостите од Полска само еднаш победиле во Скопје во 2015 година и тоа во четврт-финалето на ЕХФ лигата на шампионите.

Вардар има проблеми со повредените играчи и дури на последниот тренинг ќе се знае кои играчи ќе бидат подготвени за настап. Но, и против Мешков имавме проблеми со повредите, а оние што беа на терен одиграа максимално мотивирано.

“Не чека тежок натпревар против Кјелце. Ја знаеме ситуацијата во групата, сите екипи се блиску со бодовите и секоја победа може да те однесе напред, а секој изгубен меч може да те врати назад. Имаме многу повредени играчи, но размислуваме само на победа. Натпреварот ќе покаже што и како ќе биде. Се уште ја следиме состојбата на играчите и дури утре ќе знаеме кој може да игра кој нема да биде во составот”, изјави Едуард Кокшаров, тренерот на екипата.

Во екипата на Кјелце сезонава замина Игор Карачиќ кој претходно со Вардар освои пет титули во СЕХА Газпром лигата и двете вропски титули. Сега првпат ќе игра против своите поранешни соиграчи.

” Секогаш играме интересни натпревари со Кјелце. Голем ривал ни е Кјелце, сите сакаме да победиме, очекуваме голема поддршка. Многу повредени играчи имаме, сите се враќаат од повреди. Наше е да дадеме се од себе и да се обидеме да победиме. Келце е борбена екипа, слична на нас, ќе има тензија и на крај некој ќе плаче, а се надевам дека тоа ќе биде Карачиќ”, на шега изјави Стојанче Стоилов, капитенот на Вардар.