Connect with us

Други спортови

Куартараро ја врати предноста во МотоГП по победата на „Каталонија“

Барселона, 27 септември 2020 (МИА) – Фабио Куартараро (Петронас Јамаха СРТ) ја запиша третата победа од почетокот на сезоната во МотоГП, откако триумфираше во трката за Големата награда на Каталонија. Интересно, сите три победи на Французинот се на шпанско тло, бидејќи досега тој триумфираше во двете воведни на Херез. Возачите на Сузуки, Жоан Мир и Алекс Ринс, денес останаа на второто и третото место во Каталонија, додека Франко Морбидели (Петронас Јамаха СРТ), кој започна од својата прва пол-позиција во кариерата, и Џек Милер (Прамак Дукати) завршија во првите пет.

Со својата победа денес, Куартараро го врати водството во генералниот пласман, откако актуелниот лидер пред денес Андреа Довициозо (Дукати) беше инволвиран во инцидент со неговиот тимски колега Данило Петручи и Јоан Жарко (Авинтија Дукати) и беше елиминиран на втората кривина од трката. Една од главните причини за елиминација на Дови беше неговата 17-та стартна позиција, од која ја започна трката.

Во поредокот, Куартараро има предност од 108 поени и води со осум пред Мир, додека трет е Маверик Вињалес (Јамаха), кој заостанува 18 поени од својот иден тимски колега.

По денешното испаѓање, Довициозо падна на четвртото место во привремениот поредок, со 24 поени заостанување зад лидерот.