Фудбал
Кунде ќе биде првиот трансфер на Челзи во ерата на новиот сопственик
Дефанзивецот на Севиља, Жил Кунде најверојатно ќе биде првиот трансфер на Челзи откако новиот сопственик Тод Боели дојде на власт. Американскиот милијардер, кој го предводи конзорциумот што го купи Челзи , ќе одвои 200 милиони фунти за летната селекција, пренесуваат британските медиуми. Приоритет за Томас Тухел ќе биде зајакнувањето на одбраната, каде што се отвора огромна празнина по заминувањето на Антонио Рудигер и Андреас Кристенсен .
23-годишниот Кунде е првата опција за зајакнување на одбраната. Уште во јануари Челзи направи сериозен обид да го привлече Французинот, но тогаш Севиља не се откажа и одби да го пушти играчот за помалку од целата сума на ослободителната клаузула во неговиот договор, која е вредна 68 милиони фунти. Најверојатно сега шпанскиот клуб повторно ќе инсистира на истото, но Челзи нема да се двоуми да ја плати сумата. Според медиумите на Островот, и самиот Кунде сака да се пресели во Челзи, што му дава мир на англискиот клуб во однос на конкуренцијата за дефанзивецот.
Дејли Мејл ги додава имињата на уште тројца дефанзивци за кои Челзи е заинтересиран. Станува збор за Јошко Гвардиол од РБ Лајпциг , Пау Торес од Виљареал и Весли Фофана од Лестер . Според изданието, Тухел сигурно ќе привлече двајца централни дефанзивци, а доколку заминат и Цезар Аспиликуета и Маркос Алонсо , како што се шпекулира, новите дефанзивци ќе станат уште повеќе.