Фудбал
Купот на Африка одложен за шест месеци
Следното издание на турнирот на Африканскиот куп на нации е одложено за шест месеци и наместо летото 2023 година ќе се одржи во периодот јануари-февруари 2024 година, објави претседателот на Африканската фудбалска конфедерација (CAF), Патрис Мотсепе.
Плановите на шефовите на CAF беа следното издание да се одржи следната година на Брегот на Слоновата Коска кога ќе заврши сезоната во Европа за учеството на сите африкански ѕвезди да биде непречено. Но, во исто време оваа африканска земја бележи обилни врнежи од дожд и воопшто не се мали опасностите од поплави, што значи враќање на вообичаените зимски турнири за овој континент.
Во изјавата за новинарите во мароканскиот главен град Рабат, претседателот на CAF, Моцепе рече: „Не можеме да си дозволиме да ризикуваме. Јануари не е идеално време бидејќи во тоа време европските клупски првенства на највисоко ниво се во полн ек, но ние немаме друг избор.
За да ги има на располагање сите ѕвезди, во 2017 година CAF одлучи да го премести турнирот од зима во лето. Сепак, природата нема да дозволи овој пат.
Таа година турнирот се одржа во февруари и Сенегал стана шампион. Африканскиот куп на нации исто така беше планиран за лето, но двапати беше одложуван. Првично требаше да се одржи во јуни 2021 година, а потоа во јуни 2022 година, но прво поради пандемијата, а потоа и поради поплавите во Камерун, турнирот беше преместен.
Одржувањето на турнирот во зима наиде на критики од тренерите на големите европски клубови како што е Јирген Клоп од Ливерпул. Многу играчи одбиваат да учествуваат и сакаат да останат во Европа, додека други ги кријат своите покани.
Генералниот секретар на CAF, Верон Мосенго-Омбаја, рече дека секогаш може да се најде компромис бидејќи Африка нуди различни климатски услови во различни делови.
CAF го најави и создавањето на Африканската Супер лига, чие прво издание ќе има 24 екипи и ќе се одржува одвоено од африканската Лига на шампиони, почнувајќи од август 2023 година.