Connect with us

Ракомет

Лазаров: „Задоволен сум од победата, но и да беше поинаку немаше да очајуваме“

Ракометната репрезентација на Македонија успеа да слави и на вториот пријателски натпревар против селекцијата на Кувајт, овој пат со 22:21. Победата беше обезбедена со пресврт, бидејќи противникот имаше водство од поголемиот дел на мечот.

По натпреварот Кире Лазаров изјави дека е задоволен од победата, но и да беше поинаку немаше да очајуваме.

„Мислам дека резултатот од првиот натпревар не беше реален. Кувајт е добро истренирана екипа, предводена од еден стратег како Борис Денич, кој веќе работи таму еден подолг период. Ние трениравме максимално напорно вчера, а дури и денеска наутро. За нашите млади играчи овој натпревар беше едно големо искуство. Задоволен сум од победата, но и да беше поинаку немаше да очајуваме. Имам јасна севкупна слика. Се соочуваме со проблеми со повредени играчи и се надевам дека ќе се опорават побрзо. Утре сабајле и попладне продолжуваме со напорната работа“, изјави Лазаров и додаде:

„Важно е играчите да бидат фокусирани до самиот крај и покажаа карактер, тоа е позитивна работа. Победникот не се знаеше до последната секунда. Видовме како регираат некои играчи во неизвесни завршници. Имаме време да исправиме доста работи по новогодишните празници“.

„Морам да искажам голема благодарност до Филип Миркуловски, Жарко Пешевски и Филип Кузмановски, кои ни се приклучија веднаш по завршувањето на нивните клупски обврски. По некое непишано правило заслужуваат одмор барем до 2. јануари и тоа само покажува колку се подготвени да се жртвуваат за македонскиот дрес“.

„На крај морам да кажам дека сум задоволен од тоа како момците ги одработија подготовките во Маврово“.