Connect with us

Кошарка

Леброн ќе добие помош од „веѓата“, но го бара и Кармело Ентони

Доколку им веруваме на американските медиуми во наредниот период ќе се случат неколку големи трејдови во НБА лигата. Тоа, пред се, го најави новинарот Брендан Робинсон, кој откри дека на 15 декември ќе има „тектонски пореметувања“, особено во Западната конференција.

Робинсон важи за оние новинари чии информации се секогаш точни кога во прашање станува збор за НБА лигата. Според него, две франшизи, односно Лос Анџелес Лејкерс и Њу Орлеанс, ќе бидат главни „играчи“ во овој спектакуларен трејд, а во истиот треба да се вклучи и Орландо. Главна ѕвезда во оваа размена е Ентони Дејвис, најдобриот центар во лигата. Тој треба да се пресели во составот на „езерџиите“, кај Леброн Џејмс, а во замена за него „пеликаните“ ќе ги добијат Лонзо Бол, Кентавиус Калдвел-Поуп и Брендон Инграм.

Покрај популарниот „веѓа“, тимот од Лос Анџелес бараат уште еден играч од Пеликанс, Елфрид Пејтон или Иајн Кларк. За да биде комплетиран трејдот, во него ќе се вклучат и „магичните“. Франшизата од Флорида сака да се ослободи од Никола Вучевиќ чии договор истекува наредното лето, притоа да ослободат место за младиот центар Мо Бамба.

Сепак голема мистерија е зошто Орландо се вклучуваат во трејдот, бидејќи не е познато што би добиле, а исто така нејасно е зошто би се ослободиле од Вучевиќ, кој од почетокот на сезоната игра во врвна форма и е еден од најдобрите играчи во моментов во НБА лигата.

Но, кога во прашање е Лејкерс, исто така, на барање на Леброн, во наредниот период тимот од Лос Анџелес ќе се обиде да го донесе и Кармело Ентони, кој не е во најдобри односи со раководството на Хјустон. Мело сеуште е под договор со „ракетите“, а по 15 декември ќе се обидат да го трејдуваат. Доколку не успеат во тоа ќе му врачат отказ, па Ентони ќе може да си бира клуб. Со оглед на тоа дека Кармело и Џејмс се големи пријатели уште од средно училиште, оваа двојка би водела голема битка на теренот.

Резултати: Бостон – Њујорк 128:100, Портланд – Феникс 108:86, Јута – Хјустон 118:91.