Фудбал
Левандовски го објасни дебаклот од 6:1, ако воопшто може да се објасни такво нешто
Репрезентацијата на Полска синоќа доживеа дебакл во второто коло од Лигата на нации. Таа беше поразена со 6:1 од Белгија.
По првите 45 минути се чинеше дека такво нешто не може да се случи. Левандовски ги доведе Полјаците во водство во 28. минута, а Витсел израмни на три минути пред паузата.
Сепак, во продолжението на Де Брујн, Тросард со два гола, Дендонкер и Опенда го режираат дебаклот на Полјаците, што се обиде да го објасни самиот Левандовски.
„Денеска ни недостасуваше скокот, скратување на теренот, излегување од позиција. Бевме премногу статични во одбраната како тим. Ни недостигаше сила да нападнеме, да ја задржиме топката. Белгијците не играа пресинг, но не баравме решенија да останеме во посед на топката. Ја искористи секоја наша грешка. Имавме само 60 минути сила, а потоа немавме доволно да го одбраниме резултатот“, изјави Левандовски, додавајќи:
„Играта во одбраната не чинеше многу, дури и офанзивните играчи кои мораа често да се враќаат во одбраната. Гледајќи ја класата на противникот, тешко е да се има сила во таква ситуација. Имаме материјал за анализа. Тоа беше игра која ни даде многу лекции да играме против такви ривали. Не само во одбраната, туку и кога ја имаме топката“.
„Отсекогаш сум велел дека кога напаѓаме повеќе, се чувствуваме побезбедни во одбраната. Создадовме можност, се обидовме да нападнеме. Одевме удар по удар, но ни недостасуваше минимална самодоверба. Деталите одредуваат дали противникот ќе создаде три или пет шанси“, заклучи напаѓачот на Баерн.
Репрезентацијата на Полска во сабота во Ротердам ќе игра против Холандија, а во вторник следува нов дуел со Белгија.