Други спортови
Луис Хамилтон ќе ја стартува од најдобрата позиција на утрешната трка во Остин
Луис Хамилтон ќе стартува од пол-позиција на утрешната ГН на САД во Остин, Британецот во возбудливи квалификации беше побрз од Себастијан Фетел за само 60 илјадитинки, а Кими Раиконен заостануваше 70 илјадитинки.
Луис Хамилтон не му дозволи на Ферари да се радува во квалификациите. Себастијан Фетел и Кими Раиконен жестоко се бореа, но Британецот ќе стартува од пол-позиција.
Возачот на Мерцедес имаше најдобро постигнување по првите брзи кругови, но Кими Раиконен со време од 1:32.307 стигна до провизорната пол-позција во вториот обид.
Финецот кратко време беше на врвот бидејќи Луис Хамилтон успеа да се подобри и да постави време од 1:32.237. Се чекаше одговорот на Себастијан Фетел кој последен мина низ целта, но Германецот имаше постигнување од 1:32.298, доволно само за второ место.
Со оглед на тоа дека Фетел доби казна на тренингот, утрешната трка ќе ја започне од позицијата број 5, додека пак Кими Раиконен ќе стартува покрај Луис Хамилтон во првиот ред.
Валтери Ботас и Даниел Рикиардо ќе напредуваат една позиција на гридот, а помеѓу најбрзите десет уште се најдоа и Окон, Хулкенберг, Грожан, Леклер и Перез.