Connect with us

Фудбал

Марк Хјуз нов менаџер на Саутемптон

Премиерлигашот Саутемптон го назначи Марк Хјуз за нов шеф на стручниот штаб. Поранешниот тренер на Манчестер Сити и Стоук потпиша договор до крајот на сезоната и ќе го замени Маурисио Пелегрино, кој беше отпуштен во понеделникот, поради лоши резултати.

– Сите во Саутемптон сме убедени дека по оваа промена на менаџерот, фудбалерите и вработените на клубот ќе имаат можност да се концентрира на преостанатите натпревари од сезоната, стои во клупското соопштение.

Хјуз, кој беше отпуштен од Стоук во јануари по 5-годишна работа во клубот, ќе има тешка задача пред себе, а тоа е да обезбеди опстанок на Саутемптон во најсилната англиска лига.

– Имам долгогодишно искуство во Премиер лигата и знам што треба да биде направено при ваква ситуација. Целта е опстанок и сметам дека местото на овој клуб е во Премиер лигата. И ќе остане таму, истакна Хјуз.