Фудбал
Меси го напушта ПСЖ, без неверојатни 200.000.000 евра! Дали Аргентинецот во јуни ќе тргне по топката или парите?!
Како главна вест на насловната страница, француски Л’ Екип објави дека Лионел Меси и Пари Сен Жермен дефинитивно се разделуваат и дека Аргентинецот ќе го напушти „Паркот на принцовите“ како слободен играч.
Меси пред неполни две сезони потпиша договор на две плус една година, но ниту јунакот на Мундијалот, ниту клубот од Париз немаат намера да ја активираат третата година од договорот, а камоли да потпишат нова.
Тоа значи дека Аргентинецот ќе остане без речиси 200 милиони евра бонуси, пишува Л’Екип. Поточно – 193 милиони евра!
Како? Еве како:
Договорот на Меси со ПСЖ изнесуваше 41 милион евра по сезона, што во моментов е најголема плата зад Кристијано Роналдо и Килијан Мбапе. А поважен од платата е бонусот кој на Аргентинецот му гарантираше дополнителни 78 милиони евра доколку ја активира третата година од договорот во Париз, како и бонус од дури 115 милиони евра доколку потпише нов договор барем до 2025 година.
Па, каде ќе оди сега Лео Меси?
Барселона се почесто изразува желба да го врати својот ас, а таа опција му се допаѓа лично на Меси. Сепак, на Аргентинецот повеќе пари му нудат Саудијците, каде Роналдо веќе го направи најголемиот трансфер во светот, како и Американците кои го сакаат Меси во Њујорк и Лос Анџелес.
Па да видиме – дали Лионел ќе тргне по топката или парите. Едно е сигурно, тој во јуни ќе наполни 36 години.