Фудбал
Милан го изненади ПСЖ, Манчестер Сити ја продолжи перфектната серија, Атлетико го декласираше Селтик
Манчестер Сити ја продолжи перфектната серија во Лигата на шампионите. Актуелниот шампион на Европа го победи Јанг Бојс со 3:0 во натпреварот од 4. коло од групната фаза. За Сиди два гола постигна Халанд и еден Фил Фоден
Сити обезбеди пласман во следната фаза, а тоа го направи и Лајпциг кој на гостински терен ја совлада Црвена Звезда со 1:2. Чави Симонс погоди во осмата минута, а во 77. Лоис Опенда го зголеми резултатот на 0:2. Бенџамин Хенрикс и даде надеж на Звезда со автогол во 81. минута. До последното коло Црвена звезда и Јанг Бојс ќе се борат за третото место кое води во Лига Европа.
Во најинтересниот натпревар на вечерта, Милан на домашен терен го победи ПСЖ со 2:1. Парижаните поведоа со голот на Милан Шкриниар во деветтата минута. Рафаел Леао израмни во 12. минута, а Оливие Жиру погоди за победа на Милан во 50. минута од натпреварот. Борусија Дортмунд во претходниот натпревар го победи Њукасл, па ситуацијата во групата Ф е целосно отворена пред последните две кола.
Во групата Е, Атлетико Мадрид го декласираше Селтик со 6:0 и го презеде врвот на табелата. Антоан Гризман во шестата минута го доведе шпанскиот тим во водство. Дополнителни проблеми за гостите стигнаа во 23. минута откако Дајзен Маеда со невнимателен фаул го сопре Хермоза.
Словачкиот судија Иван Кружлијак најпрвин му покажа жолт картон на јапонскиот репрезентативец, но по видео проверката го исклучи напаѓачот на шкотскиот шампион. Атлетико дојде на чекор до победата во самиот финиш на првото полувреме откако Алваро Мората од непосредна близина погоди за 2:0.
Сите сомнежи околу прашањето на победникот ги реши Атлетико во 60. минута, откако Гризман погоди за 3:0, а шест минути подоцна Самуел Лино по четврти пат ја затресе мрежата на Џо Харт.
Во 76. минута Мората го постигна вториот гол на натпреварот, а на пет минути пред крајот на натпреварот меѓу стрелците се запиша и Саул Нигез. Победата на Атлетико можеше да биде и поубедлива, но Анхел Кореа ја погоди стативата во 69. минута. Во вториот натпревар Лацио го победи Феенорд со 1:0.
Решавачкиот момент се случи во судиското надополнување во првото полувреме кога Лацио поведе со голот на Чиро Имобиле, кој го постигна својот 200. гол за римскиот клуб во сите натпреварувања.
Во групата Х, Порто го победи Антверпен со 2:0. Еванилсон (32′-11м) и Пепе (90+2′) беа стрелци за Порто, а да додадеме дека од 53. минута гостите играа без исклучениот Јирген Екеленкамп.
Во првиот натпревар Шахтјор предводен од хрватскиот стручњак Марино Пушиќ ја победи Барселона во Хамбург со 1:0 и се врати во игра за пласман во осминафиналето. По трите воведни победи, шпанскиот гигант можеше да го потврди пласманот во осминафиналето во Хамбург, но Шахтјор ги шокираше Каталонците остварувајќи голема победа. Решавачкиот гол го постигна Данило Сикан во 40. минута.