Фудбал
Милан во еден ден „заработи“ 58 милиони евра
Возбудливо беше вчера во Милан. По Фабио Борини, Матија Калдара и Пепе Реина, „Росонерите“ се ослободија од уште тројца фудбалери на кои тренерот Пиоли не смета. Тоа се Кшиштоф Пјонтек, Шпанецот Сусо и Швајцарецот Рикардо Родригез.
За разлика од првите тројца, Пјонтек, Сусо и Родригез ќе донесат заработка на Милан од 58 милиони евра. Сето тоа е договорено во еден ден.
Сусо замина на позајмица, но Италијанците уфрлиле клаузула според која откупот може да стане задолжителен. Парите кои за ова ќе ги добијат е 21 000 000 + 3 000 000 евра. Откупот станува задолжителен ако Севиља обезбеди пласман во ЛШ, што воопшто не е нереално и ако Сусо одигра одреден број мечеви.
Со Пјонтек е друга приказната. Тука Милан ќе загуби, бидејќи од Џенова минатиот јануари пристигна за 38 милиони евра, а со Херта е договорен за 28 милиони заедно со бонусите.
Рикардо Родригез исто така ќе замине за помала сума од онаа што е купен. Дефанзивецот е платен на Волфсбург 15 милиони евра, а заминува во ПСВ Ајндховен на позајмица, а потоа ќе биде откупен неговиот договор за 6 милиони евра.
Кога се ќе се собере тоа се 58 милиони евра, кои треба да се слеат во касата на Милан до крајот на сезоната.