Connect with us

Фудбал

Милевски пред утрешниот дуел со Украина: Има крв и желба кај сите за овој натпревар

Во пресрет на утрешниот квалификациски натпревар за ЕУРО 2024 меѓу Македонија и Украина на Националната арена “Тодор Проески” во Скопје, прес – конференција одржаа селекторот на нашата репрезентација, Благоја Милевски и капитенот, Стефан Ристовски.

Благоја Милевски – селектор на македонската А репрезентација го изјави следното:

„Од фудбалерите кои ќе се најдат на терен може да очекуваме да го дадат својот максимум. Кој ќе настапи и колку ќе игра зависи од физичката подготвка на секој поединечно, а за натпреварувачка форма не можеме многу да зборуваме, туку за она кој од нив е близу до натпреварувачки ритам. Она што ме прави задоволен во овој изминат период, од 2 јуни па наваму, мислам дека успеавме да направиме баланс од оние кои завршија подоцна, со оние кои порано завршија со своите шампионати. Има крв и желба кај сите за овој натпревар и тоа ќе ни биде еден од условите за натпреварот со Украина, тоа ќе биде максимална трка и физичка подготвеност. Ќе мора да бидеме на 100%, затоа што Украина е извонредно квалитетна селекција и екипно и индивидуално“.

„Овој меч ќе биде поразличен од тој со Германија, мислам пред сѐ во пристапот на Украина, но тоа не значи дека не сме подготвени. Ги анализиравме, имаат нов селектор, ги анализиравме и од мечот на Европско и други мечеви, но и мечот со Германија. Заклучокот е дека се извонредно силна селекција. Ние мора да бидеме и на повисоко ниво од нашето, ако сакаме успешен резултат“