Connect with us

Фудбал

Милевски: Треба да сме горди како ги одигравме овие квалификации!

Македонија ја оствари својата зацртана цел да го освои второто место во групата зад неприкосновената Шпанија, но успехот на оваа генерација остана ненаграден откако УЕФА среде циклус ги укина баражите, па со тоа младинската генерација не доби шанса преку плејоф да се бори за ново учество на континенталниот собир на најголемите европски таленти.

Со пет победи, три ремија и два порази од Шпанија, со 20 дадени гола (најмногу од цела група), оваа генерација која денеска против Црна Гора триумфално го завери второто место, покажа дека има голем квалитет и потенцијал и дека нема долго време да помине за дел од овие момчиња на Благоја Милевски да влезат и во сениорската селекција, која годинава испиша историја со пласманот на Евро 2021 низ Европа и тоа со скоро половина состав од „златната генерација“, која пред три години со Милевски учествуваа на ЕП во Полска.

„Што да се каже после еден ваков одигран циклус? Момците покажаа и докажаа дека имаат не само голем квалитет и потенцијал, туку и еден фактор плус. Штета, голема штета за нив како генерација, зашто останаа барем за плејоф за учество на ова Европско првенство, откако се смени форматот на половина од циклусот. Навистина голема штета, но треба да бидеме горди за тоа што момците го покажаа во овој циклус. Не е мала работа да освоиш 18 бода во оваа група, со такви противници, особено што ние во квалификациите влеговме од четвртиот барабан. Но, ќе повторам, ние базата ја направивме уште пред три години, со надополнување на дел од овие фудбалери и таа база веќе дава резултати на сениорско ниво“, вели Милевски после завршениот циклус.

Македонија денеска ја победи Црна Гора со комбиниран тим, откако младинскиот тим преживеа шок со „лажно негативни тестови“ на коронавирус, па се повикуваа дополнителни играчи, недостигаа дел од стандардните поради повреди… Ама и покрај сите проблеми, запишана е нова победа и остварена е целта зацртана уште од септември лани.

„После тој шок со лажно позитивните тестови за дел од фудбалерите и членови на стручниот штаб (имавме 11), но во тој шок момците кои денеска играа покажаа дека имаат квалитет и тие, иако дел од нив беа со помала минутажа во овој циклус, но овој меч со Црна Гора покажа дека и тие имаат квалитет да бидат конкурентни. Бевме далеку подобри, имавме една мала криза во првиот дел, некои пет-десет минути и тоа е тоа. Можевме да дадеме уште неколку гола, но ќе повторам – да бидеш во оваа група најефикасна репрезентација во моментов, треба да сме горди на сето ова“, додава Милевски.

Извор: Sport1.mk