Фудбал
Модриќ добил понуда од 200 милиони евра!?
Лука Модриќ повторно е тема на шпанските медиуми. Капитенот на Хрватска одигра одлична партија во полуфиналето од Лигата на нации против Холандија и ја предводеше Хрватска до победа од 4:2 и пласман во финалето каде ќе игра против Шпанија. Сепак, неговата игра не е единствената причина поради која се истакнува. Повторно се пишува за него и за неверојатната понуда што наводно ја добил од Саудиска Арабија.
Пред само неколку дена медиумите објавија дека неименуван саудиски клуб му понудил на Модриќ дури 120 милиони евра за само две сезони, но и дека е верен на Реал, кој сепак е негов прв избор, иако размислува дали да ја прифати таа понуда. Сега се дознава дека понудата е уште поголема, тврдат дека му нудат 200 милиони евра и тригодишен договор.
– Поради пласманот на Хрватска во финалето на Лигата на нации, Модриќ би можел да почека до крајот на натпреварувањето за да ја открие својата одлука. Тој не сака да биде во центарот на вниманието во време кога неговата репрезентација може да испише историја. Мадрид без тревога ја чека оваа одлука. Клубот би сакал Модриќ да остане уште една сезона, но имаат опции доколку тоа не се случи. Со Белингем, но и играчи како Камавинга, Чуамени, Валверде и Крос, и доколку Модриќ не остане, Реал има решение за средниот ред – пишува Спорт.