Connect with us

Фудбал

Моментот кога Меси стана легенда

Има многу податоци, информации кои се достапни благодарение на интернетот, но има нешто кое ни го откри писателот Марти Перарнау во својата книга “Пеп, доверливо”, која е посветена на шпанскиот стручњак, Пеп Гвардиола

Голема е веројатноста дека со години ќе се бара одговор на прашањето: “Кој е подобар, Роналдо или Меси?”. Има такви кои веќе го знаат одговор, затоа што судат според навивачката пристрасност, а има и такви кои секогаш ќе уживаат во фудбалската магија на двајцата, кои ја подигнаа фудбалската игра на едно повисоко, недостижно ниво. Ова не е приказна за нив двајца, нити пак за да биде фаворизиран еден од нив. Ова е приказна за повикот кој се промени.

Има многу податоци, информации кои се достапни благодарение на интернетот, но има нешто кое ни го откри писателот Марти Перарнау во својата книга “Пеп, доверливо”, која е посветена на шпанскиот стручњак, Пеп Гвардиола. Веќе шест години Гвардиола не е тренер на Меси, но во таа книга е откриено како Лео стана чудо од играч, познатата “лажна деветка”, која предизвика земјотрес во фудбалскиот свет.

Приказната започнува на 1. мај 2009 година, еден ден пред 158 “Ел Класико”. Сезоната во која прво доминираше Атлетико (М), потоа Еспањол, Валенсија, а од средината, главниот збор го имаа Барселона и Реал (М). Барса тој мај го дочека како лидер, но следуваше гостувањето во Мадрид. Имаше предност од четри бода и серија од седум победи по ред. Фановите на Реал (М) се надеваа на успех и на бодовен пресврт во последните четри кола од сезоната.

Гвардиола имаше јасна задача: да избегне пораз од тимот кој доминираше во последните месец дена, кој со најмалку три гола разлика ги победуваше противниците.

– Како и обично, моите помошници Доменек Торент и Карлес Планшар, ми донесоа неколку видео снимки пред дуелот со Реал (М). Седев, гледав, собирав белешки. И тоа се случи тој момент на инспирација, се присети Гвардиола и додаде: “Истиот момент бев сигурен, имам решение. Знам како ќе победиме! Тоа чувство траеше една минута, но баш во таа минута сфатив дека мојата работа има смисла”.

Анализирајќи го Реал (М), Пеп дојде до заклучок дека противникот има една слабост – просторот позади играчите за врска. Примети дека триото Гути, Дренте и Гаго, постојано се обидуваат да ја неутрализираат играта на Барса со кратки додавања и со пресинг на самиот центар врз Јаја Туре и Чави. Во исто време, дефанзивците на Реал (М), Канаваро и Мецелдер се на работ од казнениот простот и помеѓу тие две линии има голема дупка.
Шефот на Барса веднаш го зел телефонот и го повикал Меси, кој тогаш имал 21-година.

  • Лео, Пеп ти зборува. Видов нешто многу важно. Навистина важно. Можеш да дојдеш до кај мене?, гласеше прашањето на Пеп до Меси.
    Неколку минути подоцна, Меси беше во канцеларијата на Пеп. Ја погледна видео снимката, го забележа просторот зад Гути, Дренте и Гаго, а пред Канаваро и Мецелдер.
  • Овој дел од теренот се вика Меси зона. Утре сакам да почнеш како десно крило, но кога ќе ти дадам сигнал, сакам да се тргнеш од таа позиција, да се одалечиш од нивните играчи за врска и да бидеш во тој простот кој ти го покажав. Кога Чави и Иниеста ќе ја пробијат нивната линија и кога ќе ја добиеш топката, сакам веднаш да тргнеш кон голот на Реал (М), гласеше советот на Пеп.

Никој друг не знаеше за тој план. Асистенот, Тито Виланова, дозна на денот на натпреварот, а Чави и Иниеста пред почетокот на натпреварот.

  • Кога ќе го видите Лео во тој простор, веднаш да му ја додадете топката. Исто како што се случи во Хихон, беше објаснувањето на Гвардиола.
    Мечот започна, Ето игра центарфор, а Меси десно крило. Реал (М) дојде во водство, а тогаш Пеп го даде сигналот. Ето и Меси ги сменија своите места, а играта на Аргентинецот во слободниот простор делуваше шокирачки за дефанзивците на “кралскиот клуб”.
  • Се сеќавам како да беше вчера. Го погледнав Канаваро. Го прашав што ќе правиме. Дали да го следиме со редината од теренот или да останеме во близина на нашиот казнен простор? Не знаевме што да правиме, открива Мецелдер.

До тој натпревар поминаа 49 година откако еден тим во “Ел Класико” постигнал пет погодоци како гостин. Таа ноќ во Мадрид е родена “лажната деветка”. Реал (М) упати пет удари кон противничкиот гол, а Барселона 17. Меси постигна два погодока и запиша една асистенција.
Баш таа ноќ, во тие фантастични 2:6 во Мадрид – легендата беше родена.