Фудбал
Мурињо за освојувачот на „Златната топка“: Исто се чувствував кога Модриќ ја освои
„Златна топка 2022“ е името на документарниот филм што се емитуваше денеска во Франција. Добитник на таа награда беше Карим Бензема, најдобриот стрелец и играч на Реал Мадрид во походот по европските и шпанските шампионски титули. Во сезоната постигна 50 гола, од кои 15 во Лигата на шампионите.
Во емитуваниот филм се појавуваат неколку познати „фаци“ од светот на фудбалот, а еден од оние кои коментираа дека Бензема е прогласен за најдобар во светот е Жозе Мурињо. Португалецот од 2010 до 2013 година беше тренер на Бензема во Реал и со него освои три трофеи. Тој го спореди освојувањето на наградата на Бензема со 2018 година, кога Лука Модриќ беше прогласен за најдобар.
„Ме воодушеви затоа што понекогаш добивам впечаток дека Златната топка се доделува за талент, но нешто недостасува. Чувствував исто задоволство како кога ја освои Модриќ. Тимски играч. А фудбалот е токму тоа, тимски спорт“, изјави Мурињо.
Добитникот на Златната топка за 2023 година ќе биде избран на 30 октомври. Најголеми кандидати за освојување се Ерлинг Халанд, освојувач на тројната круна со Манчестер Сити и стрелец на 52 гола на 53 настапи минатата сезона и Лионел Меси. Аргентинецот минатата сезона ја предводеше Аргентина до светската титула, а беше и шампион на Франција со ПСЖ. Постигна 21 гол и имаше 20 асистенции.