Connect with us

Кошарка

МЗТ Скопје се закани: Нема да ги пуштаме нашите играчи да играат за репрезентација

МЗТ Скопје се закани дека во иднина може да донесе одлука да не ги пушта нивните кошаркари да настапуваат за репрезентацијата. Како што велат од таму, при настапите за националниот тим, кошаркарите се повредуваат, а потоа Федерацијата не сака да земе никаква одговорност. Велат, токму од овие причини во изминатиот период не одржале ниту еден тренинг во комплетен состав, а не да одиграат натпревар со сите расположливи сили.

Еве го нивниот допис:

На само една недела до официјалниот старт на новата сезона со пресметката од Суперкупот против Работнички, нашиот тренер, Дарко Радуловиќ, сѐ уште не само што не одржал ниту еден тренинг во комплетен состав, туку речиси да не можеше да смета на поголем дел од носителите на играта скоро во целиот досегашен подготвителен период.

Главна причина за ова се повредите кои нашите Адем Мекиќ, Дамјан Робев, Бојан Крстевски, Кристијан Николов и Андреј Андоновски ги добија настапувајќи за националната селекција во претквалификациите за СП 2023. Во моментите кога голем број репрезентативци откажаа, делумно и поради притисок од клубовите, МЗТ Скопје Аеродром го поддржа тоа што е во интерес на македонската кошарка и не само што им дозволи, туку и ги охрабри своите членови да го облечат жолто-црвениот дрес. Нашиот гест ѝ донесе резултат на Македонија, но и голема штета за клубот, која не само што не е призната од челниците на КФМ, туку оттаму наидовме на безобразен однос без никаков сенс да ни се помогне во ситуација за која вината е исклучиво кај Куќата на кошарката, како одговорна за сѐ што се случува за националните селекции.

 

На нашето барање за покривање на дел од нашата штета со активирање на полисата за осигурување, која е задолжителна пред секој настап на репрезентацијата, добивме само арогантен одговор дека сме ЗАДОЦНИЛЕ и тоа, замислите, за неколку дена. А, претходно, во ниту еден момент, како клуб што дава најголем број репрезентативци изминатава деценија, ниту еднаш не сме биле информирани за нашите права, односно не ни била презентирана процедурата која е потребна да се следи во вакви ситуации. Како клубовите да постојат поради луѓето во КФМ, а не обратно.

 

Со ова само уште еднаш се потврди дека ова раководство на КФМ не ја заслужува нашата почит, бидејќи работи само за личен интерес и промоција, а не со цел да биде сервис на тие што ги поставуваат на функција – клубовите. Затоа, МЗТ Скопје Аеродром во иднина нема да им дозволи на своите кошаркари да се јават на повикот на селекторот, сѐ додека од Куќата на кошарката не ни биде презентирана осигурителната полиса која во целост би ја надополнила нашата штета во вакви ситуации. Бидејќи за да имаат на што да се радуваат луѓето од КФМ, нашиот клуб мораше да импровизира во најважниот дел од сезоната и згора на тоа да подмирува примањата на репрезентативците за периодот кога беа надвор од теренот за повреди добиени настапувајќи за репрезентацијата, нешто што во секоја нормална држава е покриено од матичната федерација.

 

Поради сето ова, дури сега ги разбираме зошто најголемиот дел интернационалци не сакаа да играат летово за тимот на КФМ, најверојатно исплашени дека при вакво или слично сценарио, нивните клубови би немале така големо разбирање за нивните повреди како што има МЗТ Скопје. Истовремено, ги повикуваме и останатите клубови кои даваат кошаркари за националната селекција да застанат во одбрана на своите права, бидејќи тоа што ни се случи на нас летово, утре би можело да им се случи и на нив.

Реклама

Facebook

Реклама
Реклама