Connect with us

Фудбал

На Де Јонг не му се јасни изјавите на првотимците на Барса: „Тажен сум бидејќи тука нема гордост“

Френки де Јонг синоќа беше херој на Барселона во победата против Депортиво Алавес.

Барселона со многу труд успеа да слави на гостувањето кај Алавес со 1:0, а Де Јонг во последните минути од играта успеа да постигне гол за три поени.

Избраниците на Чави Ернандез не блескаа синоќа против Депортиво, па на теренот гледавме вистинска приспивна песна, но за среќа Каталонците во самиот финиш од натпреварот успеаја да го скршат отпорот на домашните и да дојдат до победата.

Херој беше Де Јонг, кој во последно време е на удар на критики поради нешто полошите игри, а дури се шпекулира дека би можел да ја напушти Барселона на крајот од оваа сезона.

Но, Де Јонг синоќа успеа да постигне гол за три важни бода и Чави рече дека е многу задоволен од тоа како холандскиот играч за врска го одиграл натпреварот.

Де Јонг беше во центарот на вниманието и по натпреварот кога даде изјава и беше максимално искрен. Тој се осврна на претходните неколку порази, особено на оној во Суперкупот од Реал Мадрид.

Тогаш Барса беше поразена со 3:2 во полуфиналето, а многу играчи и членови на клубот изјавија дека се задоволни и горди од играта на овој натпревар, иако беа поразени од лут ривал. Се чини дека Де Јонг не се согласува со таквото размислување.

„Тажен сум кога гледам дека кажуваме колку сме горди по поразот од Реал Мадрид. Ние сме Барса и секогаш кога губиме мора да бидеме разочарани. Нема гордост кога губиш од таков ривал“, изјави Де Јонг.