Други спортови
Над 500 учесници на празничната ноќна атлетска трка во Битола
Со целосно нов концепт, на ниво на високопрофесионални натпревари од ваков вид, како дел од програмата посветена на Денот на ослободувањето на Битола, синоќа се одржа традиционалната ноќна атлетска трка „4 Ноември“.
Над 500 учесници, ученици од 4 до 9 одделение од основните училишта и ученици од сите 4 години од средните училишта, трчаа по Широк сокак, а заедно со нив на најстариот спортски настан во градот, зедоа учество и рекреативци од РЕК Битола и Кромберг и Шуберт со машка и женска екипа, како и други граѓани.

Учесниците на трката ги поздрави градоначалникот на општина Битола, Тони Коњановски, кој изрази верување дека ваквите натпревари ќе бидат поттик за што повеќе спортски активности на младите битолчани, а почесниот претседател на Сојузот на спортови, Димче Миновски, говореше за историјатот на трката и големите спортски имиња од Битола, кои своите почетоци ги имале токму на ваков начин.
Празничната програма по повод Денот на ослободувањето на Битола претпладнево продолжува со полагање цвеќе на Партизански гробишта, споменикот на народниот херој Стив Наумов и споменикот на Народнособлодителната војна во овој град.
Според востановената традиција, вечер на свечена академија ќе бидат доделени наградата за животно дело која годинава му припадна на новинарот и фоторепортер Петар Ставрев, како и наградите „4-ти Ноември“ за годишни остварувања и постигнати резултати во повеќе области.