Connect with us

Други спортови

Не го познавам Шарл Леклер!

Четирикратниот шампион во Формула 1 и пилот на Ферари, Германецот Себастијан Фетел, очекува да биде се во ред на патеката во наредната сезона кога во прашање е неговиот тимски колага – Шарл Леклер.

Фетел четири години во тимот од Маринело мина покрај Кими Раиконен, со кој имаше добра соработка и надвор од патеката. Финецот од следната сезона ќе вози за тимот на Заубер, а на негово место дојде токму младиот Францусин. Се очекува 21 – годишниот пилот да донесе друга динамика во екипата и можност да се бори за „прв пилот“ во тимот со Фетел, кој изминатите години имаше предност во однос на Раиконен.

  • Не го познавам добро Шарл, а ниту тој мене. Се познаваме површински, тој е добро дете и не очекувам да прави грешки на патеката. Ќе бидеме ривали како што бевме јас и Кими. Обидот да бидеш прв е да ги победиш сите, вклучувајќи го и тимскиот колега, изјави Фетел за „Аутоспорт“.

Германецот додаде дека посакува и ќе даде се од себе да го врати тимот на Ферари на победничките патеки.

  • Во споредба со мене, тој е во друга фаза од кариерата. Времето ќе покаже, но од тоа што јас знам и колку го познавам, се чини дека е добро момче, додаде Себастијан.

Тој исто така се пошегува изјавувајќи дека по четири години „можеби Раиконен му е преку глава“, но нагласи дека ќе му недостасува неговиот менталитет да „не трпи глупости“. На доделувањето на награди од страна на ФИА, двајцата истакнаа дека ќе останат добри пријатели, иако повеќе не се во ист тим.

По завршувањето на сезоната, Леклер направи неколку тестирања за Ферари во Абу Даби. Тој изјави дека ќе ја искористи секоја можност за напредок, а воедно очекува и добра соработка со Фетел.

  • Морам да продолжам да напредувам и да ја контролирам ситуацијата во која имам недостатоци. Ќе се обидам да научам многу од сите во тимот, како и од мојот клупски колега. Морам да се подготвам најдобро што можам, истакна Леклер.