Фудбал
Не му треба на Барса, но за него Бараат 100 милиони
Френки де Јонг е на излезната врата, иако Каталонците ја процениле сериозната цена за продажба на Холанѓанецот.
Барселона одамна им стави до знаење на сите дека е подготвена да го продаде Френки де Јонг ова лето, но сега се појавија детали на кои европските клубови нема да се радуваат.
Каталонците се принудени да го продадат Холанѓанецот за да ги обезбедат потребните пари поради финансиските проблеми во клубот, а сакаат да добијат – 100.000.000 евра за поранешниот играч на Ајакс!?
Според извори на ESPN, Барселона е подготвена да го продаде Де Јонг за 100.000.000 евра, играч од средниот ред на кој не му оди онака како што се очекуваше откако пристигна во клубот во летото 2019 година.
Сега се подготвени да го продадат 25-годишникот, бидејќи тој е еден од ретките играчи кој можат да си дозволат да го загубат, а во исто време да им донесе и многу пари. Наводно, доколку успеат да го продадат, Барса би тргнала по Бернард Силва од Манчестер Сити.
Истиот извор наведува дека за Де Јонг се заинтересирани четири клуба. Најсериозен во целата приказна е Манчестер Јунајтед, а се споменуваат и Манчестер Сити, ПСЖ и Баерн. Сепак, тешко е да се предвиди кој би бил спремен да понуди толку пари.
Ерик тен Хејг е заинтересиран да го доведе Де Јонг на „Олд Трафорд“, но би се рекло дека и Барса ќе мора значително да ја намали цената.