Кошарка
„Не сум љубоморен на Дончиќ“
Далас Маверикс и оваа сезона игра навистина одлично, а нивниот плеј-оф, освен ако не се случи некое големо чудо, не би требало да им избега.
Првиот човек на Далас Маверикс, Марк Кубан, изјави дека односот помеѓу двете најголеми sвезди Кристапс Порзингис и Лука Дончиќ надвор од теренот не е најдобар.
Еден летонски кошаркар реагираше на неговите зборови, негирајќи го по тој повод.
“Никогаш не сум имал проблем во мојата кариера со некој од соиграчите надвор од паркетот, а тоа се однесува и на Лука. Не сум љубоморен на него. Навистина не ми е јасно што Кубан сакаше да каже со таа изјава и од каде му е таа информација. Отсекогаш сум бил професионалец и војник на клубот“, вели репрезентативецот на Летонија.
Претседателот на Мавс ја спореди нивната врска со односот помеѓу Дирк Новицки и Џејсон Тери од шампионските денови на оваа франшиза.
„На теренот се е во ред. Сепак, се сеќавам дека Дирк и Џејсон не беа баш најдобри пријатели надвор од теренот. Нивната врска се подобруваше со текот на времето и на крајот се роди одлично пријателство. На некој начин, тоа влијаеше да дојдеме до титулата“, рече Кубан во таа изјава.
Далас во моментов е петти тим во Западната конференција со сооднос од 40 победи и 28 неуспеси.
Што се однесува до Дончиќ, тој има просек од нешто повеќе од 28 поени на натпревар оваа сезона, додека Порзингис е нешто поскромен со 20 постигнати поени во просек.