Connect with us

Фудбал

Нејмар треба да избере помеѓу љубовта и парите

Најскапиот фудбалер на светот Нејмар сака да се врати во Барселона.

Уште од напуштањето на тимот од Ноу Камп во 2017 година и одењето во ПСЖ во трансфер вреден рекордни 222 милиони евра, медиумите велеа дека Бразилецот не е среќен и дека има желба да се врати.

Нејмар, наводно, бил многу блиску до враќање минатото лето, а откако не успеаја преговорите со ПСЖ, Барселона вети дека ќе го врати во летото 2021 година.

Сепак, големиот економски пад предизвикан од коронавирусот промени многу. Барселона нема да има доволно пари за да го плаќа Нејмар, па ќе мора да избере помеѓу помала плата во Шпанија и неверојатниот договор што му го понуди ПСЖ.

Парижаните му понудија на Нејмар плата од 50 милиони евра по сезона и ова секако е договор кој не се добива, но и не се одбива.

Во Барселона, овие пари не може да ги добие. „Мундо Депортиво“ тврди дека каталонскиот гигант може да му понуди плата од 20 милиони евра по сезона, па Нејмар ќе мора да избира меѓу љубовта и парите.

Нејмар одигра 186 натпревари во Барселона од 2013 до 2017 година, постигна 105 голови, освои две титули во Ла Лига и трофеј во Лигата на шампионите.