Фудбал
Нема понуди за Шмајхел, голманот останува во Лестер
Голманот Каспер Шмајхел останува во Лестер, иако во изминатиот период чести беа гласините за негово заминување.
Тренерот на Лестер, Клод Пуел, потврди дека за данскиот репрезентативец не добиле понуди, но и дека доаѓањето на новиот голман Дени Ворд од Ливерпул не значи и автоматско заминување на Шмајхел.
– Каспер е многу значаен играч за нас. Имаше добри настапи на Светското првенство. Потребен ни е поради неговиот карактер, конзистентноста и одбраните. Имаше доста гласини во изминатиот период, но тоа е нормално. Ворд дојде за да се зголемат потенцијалите и конкуренцијата во тимот. Добро е кога во тимот имате играчи кои меѓусебно се натпреваруваат, истакна Пуел.
Освен Ворд во летниот период во Лестер дојдоа и Џејмс Медисон од Норич, Рикардо Переира од Порто и Џони Еванс од ВБА.