Фудбал
Ништо од враќањето во Барселона, се знае за кој клуб сака да потпише Меси
Пред неколку дена во шпанските медиуми се појавија шпекулации дека Лионел Меси би можел да се врати во Барселона.
Меси минатото лето ја напушти Барселона на општо изненадување откако клубот не можеше да му понуди продолжување на договорот, а на крајот Аргентинецот потпиша за ПСЖ.
Тој има договор со парижаните до летото 2023 година, но деновиве многу се пишува за тоа дека летово би можел да се врати во Барса. Сè започна со доаѓањето на неговиот татко Хорхе во Барселона, а на аеродромот им кажа на новинарите дека не е невозможно Меси да се врати во каталонскиот клуб.
Сепак, денеска Мундо Депортиво објави дека навистина е тешко да се очекува Меси повторно да заигра во дресот на Барселона. Тој најверојатно ќе остане во ПСЖ и следната сезона, а потоа ќе го напушти клубот како слободен играч.
Мундо Депортиво објави дека Меси може да се врати во Барселона само доколку добие функција на крајот од кариерата.
Наводно, Меси веќе донел одлука во врска со неговата кариера. Целта му е да остане во ПСЖ до крајот на договорот, а потоа во летото 2023 година најверојатно ќе отпатува во САД.
Меси веќе некое време се поврзува со Интер Мајами и наводно ќе игра за клубот кога ќе го напушти ПСЖ.