Други спортови
Новак: „Гладен сум и мотивиран! Ќе дадам се од себе утре!“
Новак Ѓоковиќ успева да не импресионира одново и одново иако постигна толку многу во својата блескава кариера.
Денеска се пласираше во финалето на завршниот Мастерс во Торино, го победи Тејлор Фриц во уште еден драматичен меч по два тај-брејка , иако вчера имаше уште еден многу тежок меч против Данило Медведев.
Тој утре ќе се бори за титулата против подобриот од вечерашното второ полуфинале, Каспер Руд или Андреј Рубљев, а веднаш по триумфот над Фриц ги изнесе првите впечатоци.
„Морав да се борам за да „преживеам“. Немав голема самодоверба по таквата борба на вчерашниот натпревар, требаше време да се најде динамиката против Фриц кој е еден од најдобрите сервери. Вториот сет не го почнав баш најдобро, но успеав да го скршам неговиот сервис, успеав да ја задржам концентрацијата и многу сум среќен што денеска успеав да го поминам ова.
Уживав во оваа атмосфера. Луѓето доаѓаат да ве гледаат, ние тоа го почитуваме, очекуваат забава со добар тенис и се надевам дека тоа им го обезбедивме. Секој бод е важен за играч како Фриц. Успеав да ги најдам вистинските услуги во вистински момент“, изјави Новак прво на италијански.
Сличен коментар веднаш потоа даде и на српски јазик, со порака дека утре ќе направи се за да ја освои титулата.
”Јас сум гладен. Многу сум мотивиран и гладен. Ќе дадам се од себе утре.
Мислам дека не играв на нивото на кое сум навикнат, но во тие околности морав да најдам начин да победам. Успеав добро да сервирам во некои клучни моменти и тоа ми помогна против Фрик, кој одлично сервира и одлично се движи за својата висина“, изјави Новак.