Фудбал
Одлични вести за ПСЖ пред Лион: Се враќа Лионел Меси
Екипата на ПСЖ за четири дена ќе игра против Лион во 20. коло од француската Лига 1.
Одлична вест за лидерот во француската лига стигна од Аргентина. Лионел Меси повторно се тестираше за Ковид-19 и доби негативен резултат, па со приватен авион се упати кон француската престолнина.
На крајот на годината, за време на божиќните и новогодишните празници, Меси беше на одмор во родното Росарио, Аргентина и се зарази со коронавирусот, кој сега за него е минато.
Отсуството на Меси не му наштети многу на ПСЖ, со оглед на тоа што одигра само еден натпревар во тој период, пред два дена во осминафиналето од Купот на Франција, каде со лесни 0:4 го исфрли нисколигашот Ван.
Покрај Меси, во тимот на ПСЖ позитивни беа и Серхио Рико, Хуан Бернат и Џанлуиџи Донарума, па ќе видиме кога ќе се вратат на теренот.
Да потсетиме, Меси оваа сезона одигра 16 натпревари за ПСЖ во сите натпреварувања и постигна шест гола со пет асистенции. Нешто неверојатно, на 11 натпревари во лигата има само еден гол, додека на пет меча во Лигата на шампионите исто толку пати беше стрелец.
Кога станува збор за ПСЖ со 46 бодови е убедливо прв на табелата во Лига 1 со 13 бодови пред второпласираната Ница.