Други спортови
Организаторите на турнирот во Рим планираат мечеви во септември
Околу 40 турнири беа откажани за време на пандемијата со коронавирус, меѓу кои и Вимблдон и Ролан Гарос. Тениските ѕвезди долго време се надвор од терените и чекаат „зелено светло“ од АТП и ВТА за да им се вратат на мечеви.
Некои организатори тврдоглаво се обидуваат да ги спасат овогодишните турнири. Така, челниците на Мастерсот во Рим се надеваат дека ќе пронајдат начин како да им овозможат на најдобрите играчи на светот да гостуваат во „вечниот град“ во септември.
Првично, овој турнир беше закажан за 11 мај, но беше откажан поради сериозната ситуација со ковид-19 на италијанско тло.
„Ние сме среќни што во ова време имаме претседател и извршен директор на АТП кои се двајца валидни сонародници. Конкретно, Андреа Гаунџи има директна, многу честа врска со нас. Наскоро, за многу кратко, ќе знаеме што ќе се случува со турнирот.
Верувам дека, и покрај сите препреки, ние ќе го реорганизираме Мастерс турнирот во септември. Помеѓу средината и крајот на септември. Тие ми велат, особено Римјаните, дека тоа е одличен период, најдобро време за играње тенис“, изјави Анџело Бинаџи, претседателот на Италијанската тениска федерација.
Кога веќе Вимблдон целосно се откажа, организаторите на Ролан Гарос одбиваат да се откажат и најавуваат турнир во септември. Токму тоа ќе биде проблемот во густиот распоред кој се очекува во есенскиот дел од сезоната.