Connect with us

Фудбал

Погба од 250 милиони евра!

Пол Погба во јуни ќе замине од Манчестер Јунајтед. Информациите велат дека Французинот нема да го продолжи договорот, а и соблекувалната на „Црвените ѓаволи“ е против тој да остане на „Олд Трафорд“.

Познати се и заинтересираните клубови, Реал Мадрид и Јувентус, кои се очекува во наредните месеци да ги достават своите понуди. Зидан го сака во Реал Мадрид, но се чини дека Јувентус има поголеми шанси, пред се поради врските со менаџерот Мино Рајола и поради тоа што Погба најубавите моменти ги помина во овој клуб.

Бројките се познати, Погба чини вкупно 250 милиони евра, ако се пресметаат примањата и обештетувањето.

Сумата која Јунајтед ја бара е 100 милиони евра, а самиот фудбалер сака 15 милиони евра по сезона. Ако се пресмета и данокот, во Италија тоа е 23 милиони евра годишно. Се претпоставува дека договорот би бил на четири сезони, а кога ќе се додадат и дополнителни трошоци, како што е провизијата на агентот Мино Рајола, тогаш сумата ќе биде околу 250 милиони евра.

Сепак, италијанскиот шампион смета на добра заработка од ангажирањето на Погба пред се од маркетиншки аспект, бидејќи иако го платија Роналдо 100 милиони и му дадоа голема плата, сепак заработија огромна сума со неговото ангажирање.

Како што пишуваат италијанските медиуми, спортскиот директор Паратичи веќе добил „зелено светло“ од Ањели да се „фрли“ на работа.