Фудбал
Покетино не смее да збори за Манчестер Јунајтед
Менаџерот на лондонскиот премиерлигаш Тотенхем, Маурисио Покетино се најде во максимално непријатна ситуација. Аргентинскиот стручњак добил забрана од клупските челници да ги коментира сите шпекулации кои се поврзани со можната преселба во редовите на големиот ривал Манчестер Јунајтед.

По отпуштањето на Жозе Мурињо „црвените ѓаволи“ го назначија Оле Гунар Солскјер за привремен менаџер, но англиските медиуми веќе на големо информираат дека клупските челници сакаат по секоја цена да го ангажираат менаџерот на Тотенхем, кој според нив е решение за сите проблеми кои постојат на “Олд Трафорд”.
Покетино пред неколку дена изјави дека не е заинтересиран за никаква преселба во Манчестер и додаде дека сака да ја продолжи соработката со популарните “петли”. Но прашањата за можната преселба на „Олд Трафорд“ не сопреа ниту на неговата последна прес-конференција.
И токму кога Покетино се обиде да одговори на нив, се вмеша прес-секретарот на лондонскиот премиерлигаш. Тој категорично ги отфрлаше прашањата на новинарите на оваа тема. Ова доведе до жестока дискусија меѓу него и еден новинар и дури се исклучија камерите и микрофоните, се со цел на мирен начин да се реши спорот меѓу двајцата.
На крајот, Аргентинецот не одговори на ниту едно прашање во врска со можниот ангажман во Манчестер Јунајтед. И покрај ваквата ситуација, англиските медиуми се убедени дека постојат реални шанси за реализација на најавениот трансфер.