Поврзи се со нас

Кошарка

Поранешен младински репрезентативец на Хрватска на едномесечен тест-период во МЗТ Скопје

Поранешниот младински репрезентативец на Хрватска, Иван Карачиќ (24 год, 203 см) од денеска е составен дел од екипата на МЗТ Скопје Аеродром на првиот сезонски турнир од АБА2-лигата на Златибор, откако дојде да помогне во играта под кошевите како (при)времена замена за повредените Бојан Крстевски и Андреј Маслинко.

Станува збор за крилен центар, кој доаѓа на едномесечен тест-период, со можност соработката да продолжи до крајот на сезоната. Карачиќ сезоната ја почна во полскиот тим Даброва, каде што одигра осум натпревари, пред да реши да си замине на сопствено барање и да се пресели во нашиот тим. Тој е добро познат на нашата кошаркарска јавност со оглед што претходно седум сезони настапуваше за босанскиот прволигаш Широки, против кого игравме во изминатиот период во АБА2-лигата.

Карачиќ, кој е роден во Мостар и има босанско и хрватско државјанство, нема да настапи на нашиот денешен прв меч на Златибор во кој ќе ги одмериме силите со Подгорица (17 часот), поради процедурата во јадранското натпреварување за регистрација на нови играчи. Но, се очекува тој сигурно да биде во составот на Ѓорѓи Кочов на вториот дуел, задутре против Сутјеска.

Крстевски и Маслинко не отпатуваа на првиот турнир од АБА2 поради повреда на прстот на шутерската рака, односно посериозен проблем со лигаментите на скочниот зглоб.

loading...

Facebook