Фудбал
Последен танц на Роналдо: Оди на позајмица, ќе игра во ЛШ
Повеќе од отворена е можноста Кристијано Роналдо да го напушти Манчестер Јунајтед во последните часови од преодниот рок.
Во средата, Ерик Тен Хег потврди дека Роналдо сигурно ќе остане меѓу „црвените ѓаволи“, но во текот на ноќта ситуацијата се промени.
Угледната „Марка“ тврди дека Португалецот на маса има понуда од Наполи, а би пристигнал на позајмица во италијанскиот клуб и би играл во Лигата на шампионите.
Претседателот на Наполи, Аурелио де Ларуентис е опседнат со идејата да го донесе најпопуларниот играч во светот на Везув.
А тренерот на наполитанците Лучијано Спалети пред неколку дена изјави дека тренирањето на Роналдо ќе биде нешто за што ќе зборува до крајот на животот.
Понудата на Наполи не е единствената што ја има Роналдо, но секако е најатрактивна бидејќи повеќекратниот освојувач на „Златната топка“ би играл во Лигата на шампионите.
Она што им одговара на Италијанците е фактот дека Виктор Осимхен би останал во тимот и не би бил вклучен во трансферот како што беше споменато претходно.
Во текот на целиот преоден рок, Мендеш бараше идеална опција за Роналдо за овој фудбалер да игра во Лигата на шампионите, но постојано наидуваше на одбивања.
Во своите редови Роналдо би сакале да го видат и некои тимови од ОАЕ или неатрактивни европски лиги. Славниот португалски ас уште на стартот ги отфрли тие опции.
За потсетување, Роналдо има договор со Јунајтед до крајот на сезоната со опција за продолжување на уште една година. Португалецот во новата сезона се уште е без гол.