Продолжува авантурата на Шкендија во Лигата на Европа, Османи со Фелипе бара победа над Дуделанж

-текстот продолжува по рекламата-

Тетовска Шкендија ја продолжува европската авантура во вторник во рамки на Лига на Европа со екипата на Дуделанж од Луксембург. Тренерот на црвено – црните, Ќатип Османи најави поразлична игра од таа со Номе Каљу која ја елиминираше од лига на Шампионите. Османи рече дека на утрешниот натпревар ќе го активира најновото засилување, Бразилецот Фелипе.

-Мислам дека тактиката на играта беше еден од проблемите во играта со Номе Каљу,така што утре, што се однесува до тактиката на играта, ќе биде сосема поинаква, поборбена и поагресивна.  Мислам дека утре Шкендија ќе се бори да го добие барем овој натпревар-истакна Османи.

Капитенот на екипата, Арменд Алими рече дека Шкендија добро ја анализирала противничката екипа, а за утрешниот натпревар побара максимална поддршка од навивачите.

-По тој натпревар, неопходно беше да одржиме состанок меѓу нас играчите, зборувавме за проблемите кои не’ доведоа до тој пораз. Свесни сме дека погрешивме и добро е што утре имаме шанса што побрзо да се вратиме со позитивен резултат. Очекуваме и навивачите во што поголем број-вели Алими.

Интересен е фактот што со фрлената жрепка Шкендија повторно може да се соочи со екипата на Номе Каљу. Но за да се случи тоа, Шкендија треба да го елиминира Дуделанж, а Номе Каљу да го елиминира Селтик со кој игра во рамки на Лига на Шампионите.

Натпреварот Шкендија – Дуделанж ќе се одигра утре од 17:55 на арената “Тодор Проески“ во Скопје.

РЕПОРТЕР: МЕВЉУДИН ИМЕРИ

Loading...