Connect with us

Фудбал

Реал Мадрид е првиот патник во финалето на Лигата на шампионите

Страшна битка се водеше вечерва во Мадрид за место во големото финале од Лигата на шампионите. Баерн натпреварот го започна агресивно, и уште од првиот свиреж на судијата започна да „јуриша“ кон голот на домаќинот. Тоа се покажа уште во третата минута кога одбиената топка од шеснаесетникот дојде до Кимих на кој не му беше тешко да ја смести во голот и да донесе водство за Баерн од 1:0.

Меѓутоа оваа предност на Баерн кратко траеше, поточно осум минути, кога во одлична акција Марсело одлично му асистираше на Бензема кој со глава постигна гола за изедначување на 1:1 во 11. минута.

Потоа следеа опасни обиди на двете страни, и двете екипи се надигруваа, влегуваа од шанса во шанса, но голманите Навас и Улрих успеаа да ги одбранат сите тие опасни налети.

На почетокот од второто полувреме следуваше шок за Баерн кога по грешката на одбраната, Бензема повторно погоди од многу полесна позиција и на „кралевите“ му носи предност од 2:1 во 46. минута.

Сепак, и покрај „евтино“ примениот гол на почетокот на второто полувреме, Баерн создаваше опасни шанси за гол, а Родригез играчот кој е на позајмица од Реал во Баерн во 63. минута од натпреварот беше прецизен и постигна гол за изедначување, кој патем не го прослави и ги врати барем на кратко надежите на Баерн за пласман во финалето.

Фудбалерите на Баерн се обидуваа на секој можен начин да дојдат до погодок, но сите нивни обиди беа вешто скротени од искусниот Навас.

Иако нерешено (2:2), Реал благодарение на победата во Минхен од 1:2 патува во Киев каде ќе ја брани титулата во Лигата на шампионите.