Фудбал
Реал Мадрид ќе го тужи претседателот на шпанските менаџери за расизам
На дел од шпанската фудбалска јавност не му се допаѓа начинот на кој играчот на Реал Мадрид, Винисиус Жуниор слави кога ќе постигне гол. Забелешки има и за неговиот однос кон противничките фудбалери.
Напаѓачот на Реал ги прославува головите со танц карактеристичен за многу јужноамерикански фудбалери. Винисиус беше особено критикуван од Педро Браво, претседател на шпанската асоцијација на менаџери.
„Ако постигнете гол, а потоа танцувате самба, одете на Самбодром (платформа за танчери во Рио). На теренот треба да ги почитувате колегите и да престанете да се однесувате како мајмун“, изјави тој во емисијата „Ел Чирингито“.
Откако го слушнал зборот „мајмун“, водителот го прекинал неговиот говор и му рекол: „Не можеш така да ги нарекуваш луѓето, немој да го повторуваш тоа“.
Реал Мадрид веднаш реагираше и најави дека ќе поднесе тужба против Педро Браво.
„Реал Мадрид ги осудува сите расистички и ксенофобични испади во светот на фудбалот и спортот, но и во животот воопшто, а особено ги осудуваме коментарите упатени кон нашиот фудбалер Винисиус Јуниор во последните неколку часа. Реал Мадрид сака да ја покаже својата љубов кон Винисиус Јуниор, фудбалер кој разбира дека единствениот однос со фудбалот е оној заснован на радост, почит и спортски дух. Фудбалот е најглобален спорт и треба да биде пример кога се во прашање вредностите на соживот. Клубот ги овласти нашите адвокати да преземат правни мерки против секој кој ги навредува нашите играчи со расистички испади“, соопшти Реал Мадрид.