Фудбал
Ристовски: Се надевам дека ќе ја израдуваме нацијата
Нашата репрезентација утре го игра историскиот полуфинален натпревар од баражот за СП во Катар. Македонија гостува кај Италија, а натпреварот започнува во 20:45.
На денешната пресконференција пред новинарите беше и нашиот капитен Стефан Ристовски кој истакна дека е горд што е предводник на оваа генерација и се надева дека утре ќе ја израдуваат нацијата.
„Горд сум што сум тука и што сум предводник на оваа генерација. Се чувствувам исполнето и еве дојде овој ден кога и ние ќе играме бараж за Мундијал. Не постои посебен мотив од натпревар против европскиот првак“, изјави Ристовски и додаде:
„Се надевам дека ќе му го честитаме утрешниот роденден на селекторот и ќе ја израдуваме нацијата. Не би издвојувал индивидуални фудбалери во италијанскиот табор, нив колективот ги донесе на европскиот врв. Тоа е нивната сила. Располагаат со голема конкуренција, првенството им дозволува да имаат таков избор. Знаеме што носат Бонучи и Кјелини кога играат. Верувам дека нашите напаѓачи ќе можат да го искористат нивното неиграње. Секој фудбалер од мали нозе сонува да игра за својата селекција и еве на нас е таа одговорност“, заврши Ристовски.