Connect with us

Ракомет

РК Делчево мотивирано го дочекува стартот на новата сезона во Првата лига

Делчево, 10 август 2020 (МИА) – Машката екипа на ракометниот клуб Делчево по денешната ждрепка ги дoзна противниците во Првата ракометна лига на Македонија. Делчевци ќе играат во група „Б“ со екипите на Македонија Ѓорче Петров, Текстилец, Металург-РА, Скопје 2020, Вардар Неготино, Партизан 2016 и екипата на МРК „Куманово“.

Од стручниот штаб истакнаа дека подготовките за настап во второто по квалитет натпреварување веќе се започнати и се одвиваат на градскиот стадион во Делчево.

– Денес дознавме кои се нашите противници меѓу кои има доста реномирани екипи како на Вардар Неготино, Македонија Ѓорче Петров, Текстилец, Металург и други екипи. Ростерот на нашата екипата ќе биде составен претежно од поранешните играчи кои пред две и три сезони настапуваа во второто по квалитет натпреварување после Супер лигата. Сите започнаа со тренинзи и се согласни дека ќе дадат се од себе да се претстават во најдобро светло по враќањето во првата ракометна лига. Очекуваме општината и стопанските субјекти да излезат во пресрет на клубот и да го зголемиме интересот кај делчевската публика за ракометот и спортските случувања во градот. Во период кога коронавирусот ги уништи сите случувања на спортски план, ова за нас претставува мотив плус да се вратиме на спортот, додаваат од РК ,Делчево, истакнаа од клубот.

Најголемиот успех делчевската машка ракометна екипа го постигна во 2018 година, кога во ракометните Куп натпревари, одигра четвртфинален дуел со екипата на Пелистер од која беа поразени.

Покрај во машка конкуренција, оваа година РК Делчево ќе има претставници во две категории од женската младинска конкуренција. вс/зс/