Connect with us

Фудбал

Рома се договори со Барселона, на „Олимпико“ доаѓа големо засилување

До крајот на јануарскиот рок не остана многу, а Рома не беше во можност да најде замена за Николо Заниоло.

Заниоло претрпе сериозна повреда против Јувентус пред околу десетина дена и ќе биде надвор од терените до следната сезона. Ова е причината зошто Рома сака да донесе крилен напаѓач кој ќе биде замена за брилијантниот Заниоло.

Најблизу до доаѓање во Рома бил Матео Политано кој дури и ги поминал лекарски прегледи, но потоа Интер го запре пристигнувањето во Олимпико. Имаше неколку други играчи кои се поврзуваа со Рома, но ништо од тоа не се случуваше.

Но, според реномираниот новинар Џанлука Ди Марцио, се чини дека „Волчицата“ конечно најде решение. Тој синоќа најави дека Рома е во преговори со Барселона и дека ќе го донесе Карлес Перез на позајмица до крајот на сезоната.

Наводно, клубовите успеале да се договорат за сè и доаѓањето на Перез на „Олимпико“ треба да биде официјализирано во наредните неколку дена.

21-годишниот офанзивен играч оваа сезона нема многу простор за игра во Барселона, а има одиграно само десет натпревари во Ла Лига и успеа да постигне еден гол и три асистенции.