Фудбал
„Роналдо секое утро кога ќе стане треба да каже, ти благодарам Господе што играв со Бензема“
Поранешниот италијански фудбалер Антонио Касано е познат по тоа што нема влакна на јазикот кога се во прашање изјавите.
Касано во кариерата секогаш го кажуваше тоа што му беше при срце, иако тоа многупати го чинеше. Но, поранешниот напаѓач не се промени и продолжи со истото темпо по завршувањето на кариерата. Поранешниот напаѓач на Рома и Реал Мадрид сега често се појавува на италијанската телевизија во различни фудбалски емисии каде ги коментира актуелните настани во најважната споредна работа во светот.
Во интервјуто кое го даде пред неколку дена, Касано зборуваше за својот поранешен клуб Реал Мадрид, а посебно го пофали Карим Бензема кој веќе неколку сезони игра во неверојатна форма.
Бензема и оваа сезона блеска, а најзаслужно е што Кралевите се блиску до пласман во полуфиналето на Лигата на шампионите, а се на чекор до титулата во Шпанија.
Многумина велат дека Бензема непотребно е во сенка на Кристијано Роналдо во Реал Мадрид речиси десет години и дека го покажал целиот свој потенцијал дури кога Португалецот си замина.
Сепак, Касано изјави дека тоа не е точно и дека Бензема е многу покомплетен играч од Роналдо, што го покажуваат сите силни асистенции кои ги имаше додека Роналдо даваше голови во Реал.
Кристијано Роналдо треба секое утро кога ќе се разбуди да му се моли на Бога и да каже: „Ти благодарам што Бензема играше со мене во тимот.“ Она што го прави откако Роналдо си замина покажува дека е покомплетен играч. Роналдо постигна многу голови и секогаш ќе биде така, но погледнете колку Бензема му намести“, вели Касано и продолжува.
“Бензема е комплетен напаѓач и тоа одамна го немам видено во фудбалот. Да не беше тој, Роналдо немаше толку лесно да постигнува голови и да ја земе славата за себе. Потоа покажа дека игра за тимот и не му е гајле кој ќе го постигне голот „Сега кога е сам, покажа каков шутер и убиец е пред голот“.
Бензема во досегашниот дел од сезоната за Реал одигра 37 натпревари во сите натпреварувања и постигна дури 37 гола и запиша уште 13 асистенции.