Фудбал
Руни: Не успеа со Кристијано и Погба, мора да го напуштат Манчестер Јунајтед
Голгетерот број еден во историјата на Манчестер Јунајтед, Вејн Руни изјави дека враќањето на Кристијано Роналдо не функционирало како што треба за една минута и на клубот му требаат млади играчи за да донесат повеќе глад за успех.
„Според мене, неговото враќање не функционираше ниту една минута. Да, тој постигна важни голови во Лигата на шампионите претходно во сезоната и очигледно го постигна тој хет-трик против Тотенхем, но мислам дека тоа не е иднината. На овој клуб му требаат млади и гладни играчи кои можат да го вратат Манчестер Јунајтед во следните две-три сезони. Очигледно на Кристијано не му оди баш најдобро и не е истиот играч каков што беше во 20-те години, но тоа е нормално во фудбалот. Да, тој е закана за гол, но не нуди доволно во остатокот од мечот“, коментира поранешниот капитен на Англија.
Руни потоа го кажа своето мислење за уште една ѕвезда од Олд Трафорд, Пол Погба, кој се очекува да си замине на лето бидејќи има истечен договор и одбива да го продолжи.
„Мислам дека е подобро за него да продолжи понатаму. Да бидам искрен, тој го немаше влијанието врз клубот што мислеше дека ќе го има при неговото враќање во Манчестер Јунајтед. Го гледам како игра за Франција и тој е сосема поинаков играч кој покажува различни квалитети, визија, контрола врз натпреварите. Во Манчестер Јунајтед едноставно не му успеа и мислам дека има уште неколку играчи кои треба да си заминат “, изјави актуелниот менаџер на Дарби Каунти.