Фудбал
Салах: Ова е најважниот период за тимот, па не можам да бидам себичен и да зборувам за мојот договор
Голгетерот на Ливерпул Мохамед Салах одби да го коментира неговиот евентуален нов договор со клубот, бидејќи тимот од Мерсисајд моментално се наоѓа во најважниот период од сезоната. Во последните денови се појавија информации дека двете страни направиле пробив во разговорите и Египјанецот наскоро повторно ќе потпише. Но, напаѓачот ниту ја потврди ниту ја демантираше оваа информација бидејќи темата ја смета за чувствителна и би било себично да се зборува за тоа периодов.
„Она што можам да го кажам е дека има многу работи за кои луѓето не знаат. Не можам да бидам себичен и да зборувам за мојата ситуација. Се наоѓаме во најважниот период за тимот, па морам да зборувам само за тимот и да се фокусирам на она што ме чека. Тоа е она што можам да го кажам. Се надевам дека ќе бидеме пооптимисти. Ќе видиме што ќе се случи“, изјави Салах за Sky Sports.
Запрашан повторно дали е уверен дека прашањето со новиот договор ќе биде решено, Салах одговори: „Не можам да кажам ниту „да“ ниту „не“. Сепак, многу пати сум кажал што сакам. Повторно велам дека не можам да навлегувам во оваа тема бидејќи е чувствителна. Тимот мора да победи и не можам да си дозволам да одам во вестите и да зборувам само за мојот договор. Се фокусирам на тимот и тоа е тоа.
Дали ова прашање влијае на моите перформанси на теренот? Воопшто не. Јас сум професионалец и знам дека одлично си ја работам работата. Веројатно јас сум првиот што доаѓа и последен што заминува. Знам што треба да направам и воопшто не се грижам за тоа. Се фокусирам само на тимот и на освојување трофеи. Давам се што можам за клубот.