Connect with us

Фудбал

Се фати за глава и плачеше како мало дете, емотивни сцени за еден од најдобрите фудбалски судии (ВИДЕО)

По 24 години делење правда на фудбалските терени, познатиот судија Антонио Мигел Матеу Лахоз се пензионираше. Тоа го направи при последниот судиски свиреж на натпреварот помеѓу Мајорка и Рајо Ваљекано, кој домаќинот го доби со 3:0.

Простувањето на еден од најдобрите светски судии донесе емотивни сцени, а познатиот арбитар како да не веруваше дека на се му дојде крајот. Лахоз се фати за глава, а потоа почна да плаче како мало дете додека играчите на двата тима му приредија шпалир.

Во близина беа неговата сопруга и децата, кои ги прегрна, додека целиот стадион му аплаудираше. Имаше навистина емотивни моменти. Лахоз без сомнение е еден од најдобрите светски судии во модерниот фудбал. По судењето во пониските категории, тој на терените во Ла Лига е од 2008 година.

Знакот на ФИФА го носи од 2011 година и судеше на бројни големи натпреварувања, а врвот на кариерата го доживеа во 2021 година кога беше главен судија на финалето од Лигата на шампионите помеѓу Челзи и Манчестер Сити. Во последните месеци од кариерата беше жестоко критикуван, особено по мечот на Светското првенство помеѓу Аргентина и Холандија, кога покажа дури 18 картони. Со оглед на тоа дека во март наполни 46 години, Ла Лига реши повеќе да не го делегира, па поради старосната граница беше испратен во заслужена пензија. Инаку, Лахоз по професија е наставник по физичко, а од фудбалот заработил навистина огромна сума, бидејќи имал месечна плата од 12.500 евра плус 4.200 за секој натпревар. Со судењето почнал да се занимава по прераната смрт на татко му, па на семејството му биле потребни дополнителни пари за да преживее. Во брак е долги години и има два сина. Препознатлив по опуштеното и авторитативно менаџирање на натпреварите, сигурно ќе му недостига на фудбалскиот свет…