Connect with us

Фудбал

Селекторот на Еквадор го пофали Валенсија и изјави: Тоа беше најважниот натпревар

Селекторот на фудбалската репрезентација на Еквадор, Густаво Алфаро, им честиташе на своите играчи за нивната посветеност во победата од 2:0 над Катар во воведниот натпревар на Светското првенство во 2022 година.

„Вреди да им се оддаде почит на играчите за нивната трудољубивост, упорност и посветеност. На самиот почеток на мечот ни беше поништен гол, кој можеше да го потресе нашиот тим, но тоа не се случи. Не застанавме и покажавме карактер“, коментира Алфаро.

„Тоа беше најважниот натпревар. Тој треба да го подобри нашиот настап во текот на целиот турнир. Се надевам дека ова е почеток на нешто големо. Токму тоа го сакавме“, додаде тој.

Селекторот посебно го пофали авторот на двата гола за Еквадор, Енер Валенсија.

„Валенсија е наш лидер. Помина низ тешки моменти, некои се сомневаа во него, но јас секогаш знаев дека можам да сметам на него во најодлучувачкиот момент“, изјави и селекторот по натпреварот.

Во следниот натпревар Еквадорците на 25 ноември ќе играат против Холандија, а истиот ден селекцијата на Катар ќе му гостува на Сенегал.